„Начинот на кој се гледаа беше интензивен“: Откриени детали за средбата меѓу Боб Дилан и папата Лав XIV
Језуитскиот свештеник Антонио Спадаро, кој посредуваше за историската средба во Ватикан, открива како дошло до средбата меѓу двајцата славни Американци и ја објасни симболиката поврзана со една стара песна на Дилан.
Светот веќе ги виде фотографиите, но сега се познати повеќе детали за овоземната средба меѓу музичката легенда Боб Дилан и папата Лав XIV, благодарение на интервјуто објавено на платформата „Substack“ од страна на Реј Паџет, познат експерт за ликот и делото на Дилан. Паџет направил интервју преку електронска пошта со Антонио Спадаро, језуитски свештеник и потсекретар за култура и образование при Светата столица, кој претходно посредуваше и за средбата меѓу папата и Пети Смит.
Иако Спадаро ја почитуваше приватноста на средбата еден-на-еден помеѓу двајцата Американци од Средниот Запад – Дилан потекнува од Хибинг, Минесота, на околу осум часа северно од родниот град на папата, Чикаго – тој сепак понуди увид во нивната средба во Ватикан. „Начинот на кој се гледаа еден со друг беше прекрасен, интензивен“, му изјави Спадаро на Паџет.
Според Спадаро, на некој начин станало очигледно дека Дилан е заинтересиран да се сретне со поглаварот на Римокатоличката црква, и обратно. „Лав беше целосно отворен за тоа“, открива Спадаро. Инаку, папата Лав XIV е припадник на американската „бејби бум“ генерација, кој претходно ова лето, во фуснота од еден свој трактат за мирот, цитираше толку опскурен стих од Дилан што дури ни експертот Паџет никогаш не го слушнал.
Во размената на пораки, свештеникот разјасни и одредена конфузија околу тоа зошто сите зборуваа за песната на Дилан од 1967 година, „I Dreamed I Saw St. Augustine“ (Сонував дека го видов Свети Августин), кога се дискутираше за нивната средба, со оглед на тоа што папата Лав е нарекуван „првиот августински папа“. Врската, оригинално, потекнала токму од Спадаро.
„Не можев, а да не помислам дека Дилан некогаш го сонувал светецот чиј син овој папа се прогласи дека е, од лоџијата на Свети Петар“, му напишал Спадаро на Паџет. Тој додава: „Тоа е прекрасна песна, и тешка: Сонувачот се буди и открива дека бил дел од толпата што го убила Августин.“
На прашањето дали Дилан и папата разговарале за оваа поврзаност за време на нивната средба, језуитскиот свештеник остана дискретен. „Што се однесува до сè друго кажано на таа маса“, заклучи Спадаро, „останува меѓу нив двајца.“
