ВЕСТИМАКЕДОНИЈАПОЛИТИКА

Мицкоски од Куманово: Македонија не е создадена за да стои во место, туку за да победува

Пред точно 85 години, во темнината на една октомвриска ноќ, се случи нешто што засекогаш го промени текот на историјата, кога во Прилеп и Куманово започна организираното востание против фашистичкиот окупатор, потсети премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање од Куманово по повод 11 Октомври.

Мицкоски нагласи дека борците немале големи армии, богатства и сигурност, но имале идеал и љубов кон татковината, покажувајќи дека постојат моменти кога иднината на народот е поважна од личната судбина. Тој праша дали денешната генерација е подготвена со истата решителност да ја изгради иднината и да ги надмине поделбите. „Мојот одговор е јасен и недвосмислен. Подготвени сме. Ние го немаме правото да не успееме, затоа што Македонија е поголема од секоја политичка генерација“, порача премиерот.

Во својот говор, тој ги потенцираше актуелните економски параметри, истакнувајќи дека во вториот квартал е остварен раст на БДП од 4,3 проценти, просечната плата достигнала 48.499 денари, а извозот бележи раст. Според него, целта на Владата е до крајот на мандатот просечната плата да достигне околу 1.000 евра, додавајќи дека иако има семејства кои тешко преживуваат, економскиот успех мора да се почувствува во секој дом.

Осврнувајќи се на меѓународните односи и прашањето со Бугарија, Мицкоски порача дека државата сака европска иднина, но со исправена глава, нагласувајќи дека националното достоинство не е предмет на преговарање. „Не бараме Европа да избира меѓу нас и нив. Бараме европските принципи да важат еднакво и за сите. Нашиот јазик не е пречка, тој е дел од европското културно богатство“, дециден беше Мицкоски.

Премиерот го заврши обраќањето со порака дека државата мора да ги победи сиромаштијата, корупцијата и иселувањето, оставајќи аманет дека претходните генерации ја оставиле слободата и независноста, а денешната има обврска на децата да им остави успешна држава.

Back to top button