ВЕСТИПОЛИТИКА

Мицкоски: Со интерконекторите кон Грција и Србија, Македонија добива целосна вертикална енергетска поврзаност

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека со изградбата на гасните интерконектори со Грција и Србија, државата ќе постигне целосна вертикална енергетска поврзаност. Според него, овој стратешки потег драматично ќе ја подобри геостратешката позиција на земјата, трансформирајќи ја од држава без излез на море во клучен енергетски јазол на Коридорот 10.

Очекувањата на Владата се дека интерконекторот кој нè поврзува со Грција ќе биде завршен во првата половина на следната година, додека цевководот кон северниот сосед Србија треба да биде комплетиран до крајот на 2028 година. Мицкоски нагласи дека се работи за двонасочен цевковод кој ќе овозможи директно поврзување со пристаништата и терминалите, како што е терминалот во Александрополи.

Како втор исклучително важен сегмент од проектот, премиерот го посочи ангажманот на домашната градежна оператива. Тој потенцираше дека изведувач на работите е македонска компанија, што претставува врвен владин приоритет со цел финансиските придобивки и развојот да останат во рамките на домашната економија, пракса која се применува и при изградбата на автопатот Скопје-Блаце.

Крајната стратешка цел на Владата е Македонија да прерасне во вистинска раскрсница на двата паневропски коридори, 8 и 10. Мицкоски упати благодарност до раководството и вработените во НОМАГАС за нивната макотрпна работа, а откри и дека веќе се разговара за потенцијално проширување на енергетската мрежа. Тој информираше дека остварил разговори со косовскиот премиер Албин Курти и, иако Косово во моментов се потпира на сопствениот јаглен, идните европски регулативи наложуваат разгледување на можноста за изградба на интерконектор и кон овој северен сосед.

Back to top button