
Доколку Владата не ги донесеше одлуките за намалување на данокот на додадена вредност и на акцизата, цената на дизел горивото денеска ќе беше за околу 11 до 11,5 денари поскапа по литар. Ова директно значи дека само по основ на дизел горивото, дневната заштеда на македонските граѓани изнесува повеќе од 250.000 евра, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.
Премиерот појасни дека поради зголемената потрошувачка на бензинските станици, особено во пограничните региони каде гравитираат возила од Грција, Албанија и Србија, дневно се точат над 2 милиони литри гориво. Од оваа количина, околу 70 проценти отпаѓаат на дизелот, односно меѓу 1,4 и 1,5 милиони литри. Доколку се земе предвид период од две недели, заедно со веќе намалената акциза за бензините од 95 и 98 октани, директната заштеда за граѓаните достигнува помеѓу 4,2 и 4,5 милиони евра.
Според Мицкоски, индиректната заштеда се рефлектира преку ниската стапка на инфлација, која во јули и август била меѓу најниските во регионот и многу пониска од просекот во Европската Унија, при што единствено Србија имала маргинално пониска стапка. Тој потенцираше дека Македонија во моментов има најниска цена на дизелот и на бензините, која е за 20 до 50 отсто пониска во споредба со соседството и Европа, со што Владата максимално се труди да го заштити животниот стандард на граѓаните.
