
Премиерот Христијан Мицкоски денеска излезе со компаративна анализа за економските параметри меѓу актуелната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ и претходната на СДСМ и ДУИ, тврдејќи дека за трипати пократок период е остварен значително поголем економски раст во државата.
Одговарајќи на новинарско прашање за односот помеѓу растот на јавниот долг и бруто-домашниот производ (БДП), премиерот истакна дека во политиката е неопходно да се прават споредби за да се знае вистинската насока. Според неговите податоци, за изминатите две години БДП пораснал за 120 милиони евра повеќе во споредба со вкупниот раст остварен во претходните шест години од владеењето на претходната власт.
„За нешто помалку зголемен јавен долг, а за трипати пократок период имаме зголемен БДП. Со други зборови, односот е три спрема еден. Отприлика таков е и односот на рејтинзите на политичките партии, но такви се и резултатите во економијата“, посочи Мицкоски, додавајќи дека БДП ја покажува силината на државата, додека јавниот долг е показател за тоа колку средства се позајмени и реално вложени за генерирање подобри резултати.
Иако премиерот посочи дека овие резултати не се доволни и дека претстои уште многу работа, тој нагласи дека има сериозен напредок во регионални рамки. Како што изјави Мицкоски, до пред три години државата била убедливо на дното во регионот според овие параметри, додека сега се наоѓа на првото или второто место.
