ЛОНДОН – Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа денеска со почеток во 12:00 часот го игра својот прв историски натпревар во главниот ждреб на Грен слем турнирот Вимблдон. По извонредниот успех во квалификациите, каде што избори пласман меѓу елитата со доминантната победа над Луција Бронзети со 6-1, 6-2, 31-годишната Македонка се соочува со најголемиот предизвик во својата кариера – пресметка со шестата носителка на турнирот, Аманда Анисимова од САД.
Овој дуел означува официјално деби за Ѓорческа на главните турнири од вакво ниво. Македонската тенисерка, која во моментов се наоѓа на 222-то место на ВТА листата, најголемиот дел од својата кариера го помина на ИТФ турнирите на земјена подлога, а нејзиниот највисок пласман во кариерата беше 170-то место, остварено во 2017 година.
Прв меѓусебен дуел и статистички предизвици
Ова ќе биде прв меѓусебен натпревар помеѓу Ѓорческа и Анисимова. Статистиката и традицијата ја ставаат американската тенисерка во улога на фаворит, со оглед на тоа што таа нема пораз во првите кола на Грен слем турнирите уште од почетокот на 2025 година, а минатата година играше едноподруго во две Грен слем финала, од кои првото токму на тревата во Лондон. Сепак, Анисимова во овој дел од сезоната се соочуваше со повреда на зглобот на раката поради која пропушти два месеци од сезоната на земја, по што забележа трето коло на Ролан Гарос и четвртфинале во Квинс Клуб.
Пред Лина е сериозен тест бидејќи таа во досегашната кариера нема победено тенисерка рангирана меѓу првите 95 на светот. Нејзиниот последен дуел со противничка од топ-50 друштвото заврши со пораз во два сета од Катерина Синијакова на турнирот ВТА 125 во Љеида во 2024 година. Денешниот натпревар на Вимблдон е огромна награда за нејзиниот долгогодишен труд и претставува историски момент за целокупниот македонски тенис, каде што Ѓорческа ќе се обиде да се надигрува со една од најдобрите светски тенисерки во моментов.
Ѓ. Ј.


