ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕПУБЛИКА

Отворена реконструираната Стара чаршија во Гевгелија

Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, денеска, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, присуствуваше на свеченото отворање на реконструираната Стара чаршија во Гевгелија.

Од Министерството за култура известуваат дека Реконструкцијата е реализирана со инвестиција од 41 милион денари и дека Старата чаршија, која од 2004 година е регистрирана како споменик на културата, повторно го добива заслуженото место во културниот и туристичкиот живот на Гевгелија.

Во рамките на проектот се реставрирани фасадите на дуќаните, изведено е ново гранитно поплочување, просторот е опремен со урбана опрема и осветлување, а целосно е реконструирана и подземната инфраструктура. Со тоа, Чаршијата добива нов лик, притоа задржувајќи ги автентичноста и препознатливиот дух, наведуваат од Министерството.

„Денеска, овде во Старата чаршија во Гевгелија, зборовите ги заменуваме со резултати. Наша обврска е да го зачуваме културното наследство, но и да му дадеме нов живот и нова вредност“, истакна министерот за култура и туризам Сулејмани.

Тој нагласи дека целта е ваквите места да не останат само споменици на минатото, туку да прераснат во живи културни простори, отворени за граѓаните, културните настани и посетителите.

„Старата чаршија во Гевгелија сега станува современо културно-туристичко јадро. Ова е потврда дека со вложувањето во културното наследство вложуваме и во развојот на локалната заедница и туризмот. Старата чаршија денеска е обновена, но уште поважно е што таа повторно живее“, порача Сулејмани.

Со издавањето на 27 одобренија за реконструкција на заштитени објекти и комплетно партерно уредување, успешно е реализиран проектот за обновување на Старата чаршија во Гевгелија, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при денешната посета на градот, пренесуваат владините служби.

„Драго ми е што Министерството за транспорт можеше да помогне во реализација на обновување на Старата чаршија во Гевгелија. Издадени се вкупно 27 одобренија за реконструкција на 27 објекти коишто навистина прекрасно изгледаат. Сакам да се заблагодарам на Управата за заштита на културно наследство и Министерството за култура со коишто заеднички работевме, како и на сите вработени во Министерството за транспорт коишто заедно со Општина Гевгелија на дневна основа работеа. Не беше лесно, особено што се работи за заштитени објекти, но тие 27 дозволи се случија, а после тоа се реализира и проектот. Исто така, се дадоа соодветни дозволи и решенија за партерно уредување и реконструкција на сите пристапни улици, како и на самата главна улица во чаршијата” истакна заменик пртеседателот на Владата, Николоски.

Тој додаде дека во Гевгелија дополнително се инвестираат околу 165 милиони денари преку буџетот во различни проекти

Премиерот Христијан Мицкоски истакна: „Убеден сум дека ќе ги реализираме бидејќи овде во Гевгелија, како впрочем и низ цела Македонија имаме амбициозна локална самоуправа без разлика на партиската припадност, ние како Влада ги поддржуваме општините насекаде, низ цела држава“.

Back to top button