ВЕСТИПОЛИТИКА

Мицкоски до опозицијата: Го блокираат Изборниот законик кој со месеци го договаравме, дијаспората има право да гласа електронски

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, преку објава на социјалните мрежи упати остри критики до опозицијата и нивните коалициски партнери, обвинувајќи ги за свесно блокирање на реформите и напредокот на државата. Според неговите тврдења, блокадите доаѓаат во пресрет на новиот јунски извештај на Европската комисија за напредокот на земјите од Западниот Балкан, каде што се очекува Македонија повторно да биде оценета како најдобра во регионот, соопшти премиерот Христијан Мицкоски.

Премиерот потенцираше дека опозицијата блокира законски решенија од Изборниот законик кои со месеци биле усогласувани и во кои владејачкото мнозинство ги прифатило сите опозициски предлози. Тој посочи дека единственото дополнително барање било овозможувањето на електронско гласање за македонската дијаспора уште на следните претседателски избори, што првично било прифатено од нивна страна, за сега да биде кочено со барање на бледи алиби-аргументи.

Повик за поднесување амандмани и суштински реформи

Шефот на извршната власт упати и директен предлог до политичките противници со цел да се деблокира собраниската процедура за изборната легислатива.

„Ајде вака: предложете амандмани со кои барате корекција на начинот на заокружување и поднесување приговори. Веднаш ќе ви ги прифатиме. Повлечете ги другите амандмани и да го изгласаме Изборниот законик. Нашата дијаспора има право да учествува по електронски пат на следните претседателски избори, во време кога во светот вештачката интелигенција ќе има клучна улога. Имате шанса овој пат вистински и суштински да бидете за европската иднина на Македонија, не со менување на Уставот, туку со реформи“, истакна премиерот Христијан Мицкоски во својата објава.

Мицкоски заклучи дека и покрај обидите за кочење на процесите, државата повторно ќе обезбеди најмногу буџетски средства и најмногу отворени европски фондови за финансирање на домашни проекти. Тој порача дека европската иднина се гради преку реални реформи на терен, а не преку политички условувања, најавувајќи дека државата ќе ги надмине сите поставени блокади.

Back to top button