
На 26 септември (сабота), еден од најзначајните симболи на Скопје – Камениот мост, ќе стане сцена за голема ревија со која познатото модно студио „Кокев“ ќе одбележи две децении од своето постоење.
По повод големиот јубилеј, модната куќа подготвува сосема нова колекција каде модата, архитектурата, музиката и сценскиот перформанс ќе се спојат во уникатна вечер на црвениот тепих. Колекцијата е инспирирана од три моќни и раскошни суштества – лебедот, паунот и рисот, кои претставуваат симболи на убавина, велелепност и моќ. Тие истовремено се и референца кон препознатливата естетика на брендот и нивната верност кон сопствениот визуелен потпис. Инспирацијата за ревијата доаѓа и од самиот стар Камен мост, чија архитектура и историја стануваат составен дел од концептот, создавајќи врска меѓу современата мода и духот на градот.
Честа официјално да го отвори овој моден настан ќе ја има актерот Никола Ристановски. Музичкиот дел за време на ревијата ќе го предводи диџеј Соња Исмаил, додека прославата ќе продолжи со забава по ревијата (after party) за која ќе биде задолжен диџеј Славе.
Свеченоста ќе започне во 19:30 часот со пречек на гостите, додека јубилејната ексклузивна ревија на самиот мост е закажана за 21:00 часот.
