ВЕСТИМАКЕДОНИЈАПОЛИТИКАРЕПУБЛИКА

Србија го презема бесплатното лекување во српските болници за повредените од пожарот во „Пулс“

Република Србија, благодарение на заложбите на македонското државно раководство и личните комуникации на министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, ги отвора вратите за повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“, соопштија денеска од Општина Кочани. На заедничката средба меѓу министерот Стоилковиќ и градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов, беше соопштено дека повредените млади кои претходно беа згрижени во српските здравствени установи ќе можат бесплатно да го продолжат и финализираат својот медицински третман.

Како што информираат од општинските служби, градоначалникот Грозданов изрази искрена благодарност до Стоилковиќ и премиерот Христијан Мицкоски за брзата активација на Владата и ресорните министерства за подобрување на здравјето на загрозените млади луѓе.

Надминати пречките со Фондот за здравство за скапите операции

Од Општина Кочани пренесуваат дека министерот Стоилковиќ при неодамнешната посета разговарал со повредените, кои му сигнализирале дека без завршување на последната фаза од лекувањето до септември се соочуваат со сериозни трајни последици и инвалидитет.

„Јас ветив дека ќе разговарам со дел од раководството на Србија за да ги решиме проблемите, бидејќи Фондот за здравство на нашата држава и Фондот на Србија немаат договор за ретрансферирање средства, а овие операции се исклучително скапи. Разговарав со српското државно раководство, кое веднаш прифати медицинскиот третман да се одвива на сметка на Фондот за здравство на Република Србија. За ова веднаш го информирав премиерот Мицкоски, кој стапи во контакт со српската влада и веќе се формирани тимови на ниво на министерства и фондови. Сметам дека направивме големо дело и покажавме вистинска грижа за да не ги оставиме децата и родителите сами“, соопштуваат од Општина Кочани пренесувајќи ја изјавата на министерот Стоилковиќ.

Градоначалникот Грозданов упати јавна благодарност до српскиот државен врв, премиерот Мицкоски и министерот Стоилковиќ, изразувајќи надеж за позитивен исход од целиот процес, а во знак на благодарност на министерот му подари икона со ликот на Пресвета Богородица.

Back to top button