Завршни подготовки за изградба на новиот булевар „Македонско-косовска бригада“

Градот Скопје ги привршува подготвителните активности пред почетокот на изградбата на новиот булевар „Македонско-косовска бригада“, капитален инфраструктурен проект со кој значително ќе се унапреди сообраќајната поврзаност, безбедноста и урбаната функционалност во овој дел од градот. Увид во завршните активности пред стартот на градежните работи извршија градоначалникот на Град Скопје заедно со градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, се наведува во соопштението испратено.
Во првата фаза од проектот, булеварот ќе се гради на потегот од крстосницата со улицата „Џон Кенеди“ до булеварот „Босна и Херцеговина“. Новото сообраќајно решение ќе биде современо и функционално, опфаќајќи четири ленти односно по две во секоја насока, средишно зелено појасно и велосипедски патеки во двата правци. Предвидена е и изградба на нови уредени тротоари, нова атмосферска канализација, современо улично осветлување, заштитно зеленило од двете страни и посебни проширувања кај автобуските стојалишта.
Со реализацијата на овој инфраструктурен зафат ќе се создадат услови за побезбедно, поефикасно и непречено одвивање на сообраќајот, овозможувајќи подобра мобилност за сите учесници вклучувајќи ги возачите, пешаците, велосипедистите и корисниците на јавниот превоз. Градоначалникот на Град Скопје истакна дека изградбата на булеварот е чекор кон создавање модерна инфраструктура, со цел градот да се развива плански преку инвестиции што носат конкретни придобивки. Од Град Скопје дополнуваат дека со ова ќе се трансформира постојниот простор во современ урбан коридор и дека продолжуваат со реализација на капитални проекти во сите општини за поквалитетна инфраструктура.
