Јаневска на првиот училишен ден: Учете и не го избирајте насилството како решение

На првиот ден од новата учебна 2026/2027 година, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска го посети скопското основно училиште „Киро Глигоров“, од каде им посака среќен и успешен почеток на сите ученици, родители, наставници и стручни соработници во државата, соопшти Министерството за образование и наука.
Во своето обраќање кон учениците, министерката истакна дека знаењето е најголемото богатство и сила што можат да ја добијат за остварување на своите соништа. Таа посебно апелираше до нив никогаш да не го избираат насилството како решение. „Изберете да бидете пријатели со другите деца. Не ги исмевајте и помогнете им. Навредите, погрдните зборови и насилството не значат дека сте јаки. Напротив. Тие се знак на слабост“, посочи Јаневска.
Обраќајќи се кон родителите, Јаневска побара тие да им посветат повеќе внимание на своите деца, нагласувајќи дека нивната љубов и мирниот дом се највредното нешто. Таа додаде дека само со заедничка работа на наставниците и семејството може да се создадат емпатични ученици и безбедна училишна средина каде што сите ќе се чувствуваат прифатено.
Во насока на борбата против врсничкото насилство и градењето позитивна средина и единство меѓу младите, Министерството за образование и наука во соработка со Македонски Телеком ќе реализираат кампања во текот на оваа училишна година. Иницијативата пред почетокот на првиот училишен час ја најавија министерката Јаневска и главниот извршен директор на телекомуникацискиот оператор, Горан Марковиќ.
