МЗШВ: Запленети над 700 кубици дрва и поднесени 147 пријави против дрвокрадци во октомври

Шумската полиција при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) во текот на октомври заплени 734 кубни метри бесправно исечени дрва и поднесе вкупно 147 прекршочни и кривични пријави. Засилените акции биле насочени против бесправната сеча, транспортот и трговијата со дрвна маса од незаконско потекло.
Според податоците од Министерството, најголем дел од одземената количина се даб и бука, односно запленети се 288 кубни метри даб и 274 кубни метри бука. Преостанатиот дел опфаќа 51 кубен метар мешано дрво и 121 кубен метар техничко дрво во трупци.
Во рамките на акциите против дрвокрадците, Шумската полиција привремено одзела 11 товарни и 15 патнички моторни возила, осум трактори, 13 приколки и 18 моторни пили. Притоа, до надлежните судови се поднесени 122 прекршочни пријави, додека до Основното јавно обвинителство се доставени 25 кривични пријави.
„Од дрвокрадството заработуваат поединци, а штетата ја трпат сите граѓани. Затоа продолжуваме со засилените контроли и одлучно ќе се постапува против секоја незаконска активност со која се уништуваат шумите“, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
Тој нагласи дека институциите ќе бараат одговорност и од оние што бесправно сечат, но и од препродавачите, бидејќи шумите се заедничко богатство и државата има обврска да ги заштити.
