
Националниот џез оркестар ја отвора новата концертна сезона со ексклузивен настан на кој како специјален гостин ќе настапи Ден Пугач (Dan Pugach), еден од најзначајните автори, аранжери и тапанари на современата њујоршка џез-сцена. Концертот ќе се одржи на 7 октомври во Националната опера и балет (НОБ) со почеток во 20:00 часот, под диригентската палка на Џијан Емин.
Пугач доаѓа во Скопје придружуван од уште две истакнати имиња од американската џез-сцена – вокалистката Никол Зураитис (Nicole Zuraitis) и трубачот Џонатан Сарага (Jonathan Saraga). Ден Пугач е добитник на престижната награда Греми во 2025 година за најдобар албум на голем џез-ансамбл со проектот „Bianca Reimagined: Music for Paws and Persistence“. Неговата долгогодишна соработничка Зураитис освои Греми во 2024 година за најдобар џез-вокален албум за „How Love Begins“. Трубачот Сарага, пак, има богато искуство како композитор и музичар кој соработувал со некои од најзначајните џез-ансамбли во САД, меѓу кои оркестарот на Марија Шнајдер и биг-бендот на Чарлс Мингус.
Според најавите, заедничкиот настап на Националниот џез оркестар и њујоршките гости ќе ја донесе енергијата и автентичниот звук на актуелната њујоршка сцена директно пред скопската публика. Билетите за концертот се веќе пуштени во онлајн продажба и на продажните места на MKTickets.
Организаторите информираат дека за студентите и пензионерите ќе бидат достапни билети со 50 отсто попуст на денот на концертот, еден час пред почетокот, на билетарницата на НОБ со приложување на соодветен документ. Овие билети со попуст можат и однапред да се резервираат преку електронската адреса info@jazzorchestra.mk.


