Полициските службеници во текот на јули констатирале вкупно 20.976 сообраќајни прекршоци за време на редовните контроли на патиштата низ државата. Поради безобѕирно управување на моторно возило, лишени од слобода се 496 лица, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според полициската статистика за изминатиот месец, најголем дел од приведените, односно 373 лица, возеле без возачка дозвола, 81 биле под дејство на алкохол, а 25 возеле и покрај претходно изречена забрана за управување. Три лица се лишени од слобода за екстремно брзо возење во населено место, 13 за пречекорување на брзината надвор од населено место, а едно лице за возење во забранет правец.
Во текот на јули, врз основа на член 300-б од Кривичниот законик, привремено се одземени вкупно 332 возила.
Илјадници казни за брзо возење, паркирање и неносење кациги
Од вкупниот број издадени платни налози, 4.241 прекршок се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење. Евидентирани се и 4.694 прекршоци за неправилно паркирање, како и 430 санкции за возење под дејство на алкохол.
Законот за безбедност на сообраќајот донел казни и за 2.073 возачи на мотоцикли поради неносење заштитен шлем, како и за 1.829 лица кои не користеле сигурносен појас.
Поради техничка неисправност од сообраќај се отстранети 125 возила, додека 299 возила биле исклучени бидејќи биле нерегистрирани. Санкционирани се и 44 возачи поради неисполнување на условите за затемнување на стаклата.
Од МВР најавуваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредните денови, апелирајќи до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите за заеднички да се придонесе за побезбедни патишта.
