ВЕСТИСВЕТ

Танкер изгуби контрола и удри во брод за крстарење во Њу Орлеанс (ВИДЕО)

Бродот „American Heritage“ се превртел по сударот, предизвикувајќи масовна евакуација. Хоспитализирани се 32 лица со полесни повреди, а гувернерот на Луизијана го нарече спасувањето „чудо на Мисисипи“.

Вкупно 197 патници на речен брод за крстарење беа извлечени од реката Мисисипи во петокот, откако танкер удри во нивниот брод додека бил закотвен во Њу Орлеанс, предизвикувајќи негово превртување. Танкерот „Atlantic Asphalt“ најверојатно изгубил контрола врз управувањето, изјави капетанот на американската Крајбрежна стража, Мелани Барнам, додавајќи дека точната причина за дефектот сè уште е непозната.

Градоначалничката Хелена Морено потврди дека 32 лица се пренесени во болница со некритични повреди, додека други биле третирани на лице место за помали гребнатини и модринки. Според неа, патниците почнале да се евакуираат веднаш по ударот, но бродот набрзо почнал да тоне и на крајот се превртел на страна. Пожарникарите од Њу Орлеанс реагирале експресно, користејќи скали преку пристаништето за да ги извлечат луѓето, а на помош притекнале и други бродови кои пловеле по реката.

Драматичните сведоштва и видеа од местото на настанот покажуваат луѓе со елеци за спасување како се извлекуваат од водата. „Имаше многу стари луѓе… викаа ‘Помош, помош’“, сведочи возачот на камион Блас Армас. Тој опишал застрашувачка глетка на постара жена со елек кој не ѝ бил правилно поставен околу вратот, обидувајќи се да плива со една рака додека се држела за парче мебел, пред конечно да биде извлечена на безбедно.

Видео од моментот пред да удри танкерот во крузерот:

Гувернерот на Луизијана, Џеф Лендри, спасувањето го нарече „буквално чудо на Мисисипи“, пофалувајќи ја подготвеноста на сите инволвирани агенции. „Кога ќе помислите на популацијата што беше на тој брод и нашата способност да ги извлечеме од водата… Реката Мисисипи не е некое тивко езерце, имаше предизвици“, додаде тој. Американскиот претседател Доналд Трамп и секретарот за домашна безбедност Марквејн Мулин исто така ги пофалија спасувачите, нагласувајќи дека „по милоста Божја, не е загубен ниту еден живот“.

Во меѓувреме, Националниот одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB) и Крајбрежната стража отворија истрага за да ги утврдат точните причини за сударот. Градот соработува со Црвениот крст за да им обезбеди сместување, лекови и транспорт на патниците, кои биле принудени да ги остават сите лични работи на бродот што тоне.

Back to top button