ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕПУБЛИКАСПОРТ

Најбрзото „Трчај бе“ досега: Нови рекорди, 1.500 тркачи и силна меѓународна конкуренција во Битола [ФОТО]

Над 1.500 тркачи од 18 земји вчера застанаа на стартната линија на осмото издание на „Трчај бе“ со Алпско, уште еднаш ставајќи ја Битола на мапата на големите регионални тркачки настани. Овогодинешното издание, кое ги опфати трките на 5, 10 и 21 километар, донесе најсилна меѓународна конкуренција досега и исклучително брзи времиња, а битолската патека воедно беше и домаќин на Националното првенство на Македонија во полумаратон, соопштуваат организаторите, објави порталот Шеталиште.

На полумаратонот од 21 километар доминираа натпреварувачите од Кенија – во женска конкуренција победи Ненси Гитанга Ваигумо со време 1:16:05, додека кај мажите најбрз беше Џон Чеге Ваверу (1:04:40). Македонскиот натпреварувач Димитар Илиев го освои одличното трето место во машката трка.

На трката на 10 километри кај жените триумфираше Викторија Неис од Унгарија (36:45), пред нашата Елисавета Димовска, додека кај мажите победата ја однесе Бонфејс Мбуру Мунгаи од Кенија (30:46), пред македонскиот претставник Григоријан Никовски. На најкратката дистанца од 5 километри, првите места ги освоија Жаклина Желева од Бугарија (18:47) и Андреј Арсов од Македонија (15:55).

Во рамките на Националното првенство во полумаратон, шампионски титули освоија Адријана Поп Арсова Рашиќ од АК Олимп и Димитар Илиев, исто така од АК Олимп. Наградите на најдобрите им ги врачи претседателката на Атлетската федерација на Македонија, Александра Војнеска Зикова, заедно со градоначалникот Тони Коњановски и директорот на трката Никола Димитровски.

Наградните чекови за најдобрите на 10 и 21 километар ги обезбеди долгогодишниот партнер „Халкбанк“. Посебно емотивна приказна годинава беа наградите за трката на 5 километри, обезбедени од атлетската легенда Стевче Ѓоргиевски, чиј југословенски рекорд на 5.000 метри остана недостижен речиси четири децении. Женските награди на оваа дистанца беа посветени на неговата неодамна почината ќерка, атлетичарката Марија Макри.

Back to top button