ВЕСТИПОЛИТИКАСПОРТ

СДСМ: ФФМ е претворена во партиски штаб на власта и полигон за семејни бизниси

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) наместо ветениот напредок е претворена во приватна фирма, партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ и полигон за остварување лични интереси, обвини денеска претседавачот со Централниот одбор на СДСМ, Герасим Лазов. Тој најави објавување материјали и докази добиени директно од загрижени граѓани и свиркачи од институциите, за, како што рече, криминалот во македонскиот фудбал.

Лазов посочи дека ФФМ е целосно партизирана, тврдејќи дека зад одлуките стојат директни политички влијанија од високи владини функционери, додека правните советници и шефовите на комисии се назначуваат исклучиво по партиска и адвокатска линија. Според опозициската партија, фудбалот е претворен во семеен бизнис каде селекторски и тренерски позиции се делат на најблиски роднини, тренери од приватни школи истовремено земаат двојни хонорари од куќата на фудбалот, а експресни деби-настапи во сениорската репрезентација се користат за полесна продажба на играчи во странство.

Од СДСМ отворија и серија јавни прашања до раководството на ФФМ, меѓу кои и прашањето дали комесар за делегирање судии се поставува директно од владејачката партија за да делегира судии по нарачка, со акцент на натпреварите на ФК Вардар. Опозицијата прашува и дали зад најавите за „подмладување на репрезентацијата“ се крие спортска стратегија или бизнис-план и обложувачки профити, како и дали постои тарифа за играње во националните селекции.

Посебен акцент беше ставен и на неодамнешниот организациски пропуст на натпреварот во Швајцарија, каде фудбалерот со број 22, Малевски, седел 60 минути на резервната клупа без воопшто да биде запишан во официјалниот записник. Лазов нагласи дека над две третини од делегатите во Собранието на ФФМ се партиски контролирани и порача дека ова е само прв дел од доказите што СДСМ ќе ги презентира во јавноста сè додека институцијата не се врати на спортистите.

Back to top button