ВЕСТИПОЛИТИКА

МВР ги демантира обвинувањата: Кандидатот за полициското училиште не ја поминал административната селекција

Неисполнување на условите во административната селекција, а не неправедна елиминација, е причината поради која одреден кандидат за прием во Средното полициско училиште „7-ми Мај“ не бил повикан на проверка на моторичките способности, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР) демантирајќи ги наводите изнесени во јавноста.

Како што објави Слободен Печат, Ивица Илкоски од Гостивар не знае зошто неговиот син не продолжил понатаму при селекцијата за прием во Средното полициско училиште „7-ми Мај“ при Полициската академија на МВР. Иако, како што тврди, ги исполнил сите услови наведени во јавниот повик и ја доставил целокупната документација, неговиот син без образложение не бил повикан во следната фаза од селекцијата – проверката на моторичките способности.

Според соопштението пак од МВР, процесот на селекција сè уште е во тек и се спроведува во повеќе последователни фази, при што на проверка на моторичките способности се повикуваат само оние кои претходно успешно ја поминале првичната проверка на документите. Од Министерството појаснуваат дека во рамките на административната селекција се утврдува дали кандидатот има најмалку „добар“ општ успех во двете завршени години средно образование и дали му биле изрекувани педагошки мерки во училиштето каде што учел.

За конкретниот случај, од полицијата посочуваат дека кандидатот не ги исполнил сите услови што се проверуваат во оваа фаза и затоа не продолжил понатаму. Од таму додаваат дека по завршувањето на целокупната постапка, сите апликанти ќе бидат известени за исходот и ќе им биде овозможен увид во документацијата.

Преку дописот, МВР апелира да не се изнесуваат неточни и непотврдени информации пред официјалното завршување на процесот, уверувајќи дека селекцијата се спроведува професионално, согласно критериумите од јавниот повик и со еднаков третман на сите кандидати.

Back to top button