
Осумдесет и третото издание на Филмскиот фестивал во Венеција заврши во саботата со прогласување на добитниците на главните награди, при што престижниот „Златен лав“ го освои филмот „Непозната жена“ (Woman Unknown) во режија на Меј ел-Туки, пренесува „Ројтерс“.
Филмот е копродукција меѓу Данска, Шведска и Латвија, а наградата за најдобра актерка ѝ припадна на Матилде Арсел, токму за нејзината улога во ова остварување.
Гран при наградата на жирито, „Сребрен лав“, ја освои јужнокорејскиот филм „Можна љубов“ (Possible Love) на режисерот Ли Чанг-донг. За најдобар режисер беше прогласен Иљја Хржановски за филмот „ДАУ“ (DAU), кој претставува заедничка продукција на Германија, Франција и Шведска.
Признанието за најдобар актер му припадна на Џон Малкович за улогата во американско-чилеанскиот филм „Див коњ девет“ (Wild Horse Nine). Наградата за најдобро сценарио замина во рацете на Стефан Бризе, Корали Амедео и Оливие Горс за францускиот филм „Добар мал војник“ (A Good Little Soldier).
Специјалната награда на жирито му беше доделена на британскиот филм „НАЗА“ во режија на Јувал Абрахам и Рахел Цор, додека Малу Кебизи беше прогласена за најдобра млада актерка во подем за францускиот филм „Место за лекување“ (A Place To Heal).
