
ООУ „Лазо Ангеловски“ организира настан во чест на Тоше Проески во Ново Лисиче
По повод 19-годишнината од трагичната смрт на Тоше Проески, основното училиште „Лазо Ангеловски“ заедно со наставниците и родителите организира настан насловен „Тоше, те сакаме сите“. Настанот ќе се одржи на 16 октомври со почеток во 16:00 часот на улицата „Тоше Проески“ во населбата Ново Лисиче.
Под мотото „Добрината не престанува – таа расте“, манифестацијата ќе обедини ученици, родители, наставници, граѓани и музичари. Програмата предвидува да започне со „Чекори на добрината“, што претставува заедничка прошетка од училишниот двор со детски пораки за хуманост, по што ќе следува свечено отворање на новото хортикултурно уредено паркче во чест на Проески. Во овој простор се засадени девет генерациски дрвја кои ја симболизираат поврзаноста меѓу децата и вредностите кои ги негуваше музичарот.
Централниот дел од програмата ќе се одржи кај фонтаната со ликот на Проески на Детската улица, каде што училишниот хор ќе ја изведе песната „За овој свет“, а предвидени се и обраќања на претставници на училиштето, Општина Аеродром и родителите.
Во музичкиот дел, покрај хорот и оркестарот на училиштето, ќе настапат „Некст тајм“, Ламбе Алабакоски, Филип Божиновски, Владимир Поповски, Тамара Волчевска, Мими Јовановска, Бојана Арсовска и други музичари, како и повеќе млади музички таленти. Настанот е поддржан од Општина Аеродром, ЈУ „Универзална сала“ и агенцијата „Lions in Move“, а организаторите ги покануваат сите граѓани да се придружат во зачувувањето на споменот на Тоше Проески.
