
Претставници на Агенцијата за филм остварија работна посета на студиото за анимација „Тун Моушн студиос“ (Toon Motion Studios), каде во тек е процесот на анимирање на новиот детски филм „Лефти и Рајти си најдоа дом“. Целта на посетата беше да се потврди континуираната поддршка на Агенцијата во создавањето оригинални домашни содржини наменети за најмладата публика.
Од продукцијата информираат дека проектот одлично напредува. Ликовите и позадините веќе го добиле својот финален визуелен изглед, а актерите ги снимале своите гласови. Целосно е завршен и аниматикот – визуелната мапа која ги поставува кадрите, движењата и ритамот на приказната. Во моментов, секој лик е дигитално подготвен (ригуван) за движење, а сцените се претвораат во вистинска анимација.
Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Потер Мицевски, за време на посетата ја истакна важноста на ваквите проекти за македонската кинематографија.
„Ретко има детски анимирани филмови и анимирани филмови воопшто, затоа како Агенција за филм покажуваме особен интерес кон овој проект кој за цел има да ја привлече најмладата публика и да ја насочи кон следење на оригинални содржини во македонска продукција“, изјави Мицевски.
Анимираниот филм „Лефти и Рајти си најдоа дом“ е во режија на Илија Тодоровски. Проектот е во продукција на „зАнимација Продукција“, а се реализира во копродукција со „Minya Film i Animacija“ од Хрватска.
Приказната и ликовите се базирани на истоимените популарни сликовници на авторката Наташа Дукоска, која воедно се јавува и како сценарист на филмот. Проектот е финансиски поддржан од македонската Агенција за филм и од Хрватскиот аудиовизуелен центар (HAVC).


