ВЕСТИПОЛИТИКА

ДУИ: Гаши јавно призна дека ВЛЕН нема легитимитет и е само патерица на ВМРО-ДПМНЕ

Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) преку писмено соопштение упати остри критики до претседателот на Собранието, Африм Гаши, оценувајќи дека тој конечно јавно признал оти коалицијата ВЛЕН нема доволен политички и етнички легитимитет за да ги гарантира правата на Албанците. Реакцијата на партијата следи по гостувањето на Гаши во емисијата „Click Plus“ на ТВ21, каде што тој посочил дека не се сигурни дали ги имаат потребните гласови за усвојување на Законот за правична и соодветна застапеност.

Според ДУИ, ова претставува сериозно политичко признание кое докажува дека по повеќе од две години на власт, ВЛЕН не е фактор на одлучување, туку само „патерица“ на ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија обвинуваат дека за прашањата што директно ги засегаат Албанците, владејачката коалиција нема ниту храброст, ниту политичка сила да обезбеди поддршка, потсетувајќи дека ВЛЕН дојде на власт токму со ветувањето за решавање на прашањето за правичната застапеност. Од таму јавно прашуваат која е улогата на ВЛЕН во Владата доколку молчат и се повлекуваат кога треба да се бараат политички гаранции.

Партијата дополнително изразува загриженост што Гаши најавува дијалог и можност за промена на законот дури откако ќе се види неговата имплементација. Од ДУИ децидно порачуваат дека на Албанците не им требаат експерименти и импровизации, туку јасен и функционален уставен механизам во државните институции. Според нив, ова не е само неуспех на еден закон, туку на еден модел на владеење кој ги искористил албанските граѓани за доаѓање на власт, а потоа ги оставил без глас и без политичка сила.

 

Back to top button