Николоски: Завршени две галерии на автопатот Охрид – Кичево, се подготвуваат најтешките 10 километри
Изградбата на автопатот Охрид – Кичево се реализира со забрзано темпо, а во следните неколку месеци за сообраќај ќе бидат пуштени најкомплицираните 10 километри од оваа делница, соопшти преку објава на социјалните мрежи вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Како што информира Николоски, на терен интензивно се работи на галериите, кои се покажале како најефикасно решение за стабилизација на земјиштето на проблематичните косини.
Завршени две галерии, се подготвуваат најтешките 10 километри
Од Министерството за транспорт пренесуваат дека во моментов две галерии се целосно изградени, а активно се работи на третата, паралелно со активностите за довршување на мостовите и двете цевки од тунелот.
„Ова беше напуштен проект, ова беше проект во којшто никој не веруваше, но веќе се гледа крајот. Имаме 34 километри на коишто веќе се вози, а во следните неколку месеци ќе отвориме уште 10 километри коишто се најкомплицирани на овој автопат, каде што влегуваат тунелите и галериите. Изградбата на галериите е најдоброто решение за стабилизација на земјиштето што на терен се покажува како ефикасно“, соопштува министерот за транспорт Александар Николоски.






