Владин авион ќе транспортира млад пациент повреден во Кушадаси
Итен медицински транспорт со владин авион е организиран за млад македонски државјанин кој се здобил со тешки повреди на вратните пршлени за време на неговиот престој во Кушадаси, Република Туркије, информираат од Министерството за здравство. Дваесет и осумгодишниот маж паднал од тобоган и скршил вратен пршлен.
Според информациите, акцијата е реализирана по итна постапка и во тесна координација меѓу Владата, Фондот за здравствено осигурување и Службата за општи и заеднички работи (СОЗР). Транспортот на пациентот кон земјава е закажан за утре, а за време на летот тој ќе биде придружуван од специјализиран медицински тим од Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), со што се обезбедени сите неопходни услови за безбеден лет.
По слетувањето во Скопје, грижата за пациентот ќе ја преземе тимот за спинална хирургија при Клиниката, каде што тој веднаш ќе биде хоспитализиран за натамошно специјалистичко лекување, медицинска нега и соодветна рехабилитација.
„Грижата за здравјето и безбедноста на секој пациент останува наш највисок приоритет. Надлежните институции продолжуваат посветено и координирано да обезбедуваат навремена и соодветна здравствена помош секогаш кога тоа е потребно“, се наведува во дописот.
