Од денеска во книжарниците ширум државата е достапна „Рацин(е!)“ – нова впечатлива научна студија од професорката Марија Ѓорѓиева-Димова. Книгата, која излегува во издание на „Паблишер“, претставува исклучително значаен придонес кон македонската рационологија, нудејќи оригинално и теориски цврсто засновано толкување на поезијата на Кочо Рацин во контекст на неговото, но и на нашето време.
Во својата рецензија за ова дело, академик Катица Ќулавкова посочува дека новата збирка студии на Ѓорѓиева-Димова, интегрирани во една кохерентна целина, претставува дијалог од историска и теориска дистанца со книжевната оставина на основоположникот на современата македонска литература. Таа нагласува дека ова толкување го анализира Рациновото творештво не само од поетичка, туку и од културолошка и историска перспектива.
Етичката улога на повторното читање на Рацин
Во воведниот дел од својата нова книга, авторката Марија Ѓорѓиева-Димова става посебен акцент на потребата за континуирано интерпретативно навраќање кон делото на Рацин.
„Навраќањето кон Рациновото дело претставува и потсетување и промислување на контекстите во коишто се одвивала нашата национална и културна еволуција. Секое ново читање носи со себе етичка и педагошка функција за секоја следна, млада генерација читатели, на која треба критички и толкувачки да ѝ се доближи овој корпус. Истовремено, преку овие навраќања се посочуваат универзалноста и безвременоста на неговите тематски преокупации“, пишува професорката на почетокот на својата студија.
Марија Ѓорѓиева-Димова е редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и зад себе има исклучително богат творечки опус со голем број објавени монографии и научни трудови, меѓу кои и нејзиното неодамнешно дело „Ако романот е пропуштена историја“ (2025).
Од издавачкиот центар информираат дека книгата „Рацин(е!)“ веќе може да се најде во сите книжарници на „ТРИ“, како и да се нарача онлајн преку платформата kniga.mk.
