Новата учебна година со 300 паралелки помалку, 26 рурални училишта пред затворање
Новата учебна 2026/2027 година во Македонија ќе започне со околу 300 паралелки помалку во основното и средното образование, додека 26 рурални училишта во кои нема запишано првачиња се очекува да престанат со работа. Податоците ги соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска во пресрет на почетокот на учебната година.
Од вкупното намалување, околу 200 паралелки се во основното, а 100 во средното образование. Во прво одделение досега се запишани околу 14.500 деца, но конечната бројка сè уште не е утврдена бидејќи дополнителните уписи продолжуваат и во септември.
Според последните официјални податоци што ги пренесува Канал 5, годинава има околу 3.400 помалку запишани првачиња во споредба со минатата година, односно намалување од околу 20 проценти.
Највидливи последици од намалувањето на бројот на ученици има во руралните средини. Јаневска најави дека се очекува затворање на 26 училишта во кои годинава нема запишано првачиња, а во дел од нив во моментов учат само по пет, седум или осум деца. Учениците од училиштата што ќе престанат со работа треба да бидат префрлени во други училишта во близина.
Според министерката, оптимизацијата на училишната мрежа има цел на учениците да им овозможи подобри услови за образование и поголема можност за социјализација со врсниците, особено во места каде наставата досега се одвивала во комбинирани паралелки со деца од повеќе одделенија. Таа посочи дека со родителите кои не се согласуваат со префрлањето ќе се разговара во Министерството.
МОН претходно соопшти дека намалувањето на бројот на ученици е долгогодишен проблем. Во мај Министерството наведе дека само во претходната учебна година во 147 подрачни училишта воопшто немало новозапишани ученици. Истовремено, Министерството тврди дека преку оптимизација на училишната мрежа, воведување едносменска настава и продолжен престој ќе се настојува наставниците да ги задржат работните места и потребниот фонд на часови.
Јаневска уверува дека досега ниту еден наставник вработен на неопределено време не останал без работа поради намалувањето на бројот на паралелките.
Во пресрет на почетокот на наставата, од МОН велат и дека учебниците се веќе дистрибуирани во училиштата. Според Јаневска, училиштата што навреме ги доставиле потребните барања треба да ги добијат нарачаните учебници пред учениците да седнат во клупите.
