Најмалку 96 лица загинале во масовниот мигрантски бран кон шпанската енклава Сеута, според последните официјални податоци што ги објави шпанската јавна телевизија РТВЕ. На шпанска страна досега се регистрирани 82 жртви, додека мароканските власти го зголемија својот биланс на најмалку 14 загинати. Идентификацијата напредува исклучително бавно, а од 82 тела пронајдени на шпанска територија досега се идентификувани само шест лица.
Идентификацијата на жртвите напредува бавно
Директорот на Институтот за судска медицина и форензички науки во Сеута, Мануел Апарсеро, потврди дека главната причина за смртта кај жртвите била „механичка асфиксија поради потопување“, односно давење. Обдукциите на сите 82 тела пронајдени на шпанска страна се завршени. Шесте досега идентификувани жртви се полнолетни мажи со мароканско државјанство.
За да се забрза идентификацијата, шпанската Цивилна гарда ги испрати отпечатоците од прстите на жртвите до Мароко, каде што треба да бидат споредени со националните бази на податоци. Во Сеута се испратени и дополнителни форензички тимови од повеќе шпански градови.
Ројтерс, во извештај објавен на 7 август и ажуриран денеска, 8 август, јавува дека обемот на трагедијата целосно ги надминал капацитетите на малата форензичка служба во Сеута. Институтот има само петчлен тим, а за споредба, во текот на целата мината година работел на 76 смртни случаи. Поради кризата биле повикани дополнителни експерти од копнениот дел на Шпанија, а поранешна воена болница била претворена во поголема привремена мртовечница.
Телата што нема да бидат идентификувани навреме ќе бидат погребани во Сеута, но претходно се земаат отпечатоци од прсти и ДНК-примероци за да може идентификацијата да продолжи и по погребот. Апарсеро изјави дека телата се подготвуваат за погреб со почитување на муслиманските верски обичаи. Доколку подоцна биде утврден идентитетот, семејствата ќе можат, со судско одобрение, да побараат ексхумација и пренесување на посмртните останки.
Мигрантскиот бран започна на 30 јули, кога десетици илјади луѓе од Мароко се обидоа за краток период да влезат во Сеута, дел преку копнената граница, а дел пливајќи околу граничниот бранобран. Асошиејтед прес објави дека ширењето гласини и дезинформации на Инстаграм, ТикТок и Фејсбук за наводно „отворена граница“ придонело илјадници луѓе истовремено да тргнат кон шпанската територија.
Сепак, бројот на жртвите останува предмет на спор. Додека официјалниот биланс на шпанските и мароканските власти во моментов изнесува најмалку 96 загинати, Мароканската асоцијација за човекови права тврди дека вистинската бројка може да достигнува 141 лица од двете страни на границата. Организацијата бара независна истрага и поголема транспарентност за загинатите и исчезнатите.




