
„Нетфликс“ го објави првиот целосен трејлер за филмот „Следните незгоди на Клиф Бут“ (The Further Mis-Adventures of Cliff Booth), кој претставува своевидно продолжение на хитот „Си беше еднаш во Холивуд“. Овој проект носи уникатна холивудска соработка – сценариото е дело на Квентин Тарантино, додека режисерската палка овојпат ја презеде Дејвид Финчер.
Новите снимки го прикажуваат поранешниот каскадер Клиф Бут, кој повторно го игра Бред Пит, како сега работи како холивудски „фиксер“ за решавање проблеми, паралелно заработувајќи како шанкер и кино-проекционер. Трејлерот вклучува и интересна шега на сметка на Леонардо Дикаприо, каде Бут објаснува дека повеќе не е каскадер на Рик Далтон бидејќи „Рик станал премногу дебел“.
Дејството е сместено во 1977 година, осум години по настаните со семејството Менсон во паралелната историја на Тарантино од 1969 година. Според официјалниот синопсис, бајката во Лос Анџелес е завршена, а приказната се претвора во криминалистички трилер исполнет со насилство и амбиција. Клиф е ангажиран од талент-агентот Карен Крозби (Елизабет Дебики) за потребите на ТВ-мегаѕвездата Чарли Питерс (Скот Кан), а во приказната се вплетуваат и мистериозните гангстери, браќата Вердуско. Во актерската екипа се приклучуваат и Карла Гуџино и Јахја Абдул-Матин Втори.
Филмот ќе има двонеделно ексклузивно прикажување во ИМАКС (Imax) кината ширум светот почнувајќи од 25 ноември, пред официјалната премиера на стриминг платформата „Нетфликс“ која е закажана за 23 декември.

