
Општина Центар денеска одбележува половина век од своето постоење, голем јубилеј кој, како што велат од локалната самоуправа, претставува повод за потсетување на нејзиниот развој и истакнување на резултатите со кои општината продолжува да се развива како современо урбано јадро на Скопје.
Градоначалникот Горан Герасимовски изрази гордост што токму за време на неговиот мандат се прославува овој значаен датум, нагласувајќи дека општината има богато минато, силен урбан дух и голема иднина.
„Во изминатите пет години работевме општината да биде посовремена, подостапна, потранспарентна и поблиску до секој граѓанин. Општина во која секој е добредојден, секој глас се слуша и секој денар се вложува одговорно“, истакна Герасимовски.
Тој потсети на низата реализирани проекти во образованието, инфраструктурата и спортот, меѓу кои изградбата на градинката „Пролет“ со капацитет за 173 деца, целосната обнова на култната спортска сала „Работнички“, доградбата на училиштата и реконструираните улици. Покрај инфраструктурата, фокусот останува и на зелената и енергетска трансформација, обновливите извори на енергија и програмите за поддршка на сите генерации и ранливи категории.
„Секој проект има своја приказна, но сите имаат иста цел – подобар Центар за сите генерации. Особено ми значи довербата што граѓаните ми ја дадоа за втор мандат. Тоа е обврска да продолжиме уште посилно, со нови идеи, амбициозни проекти и конкретни резултати“, порача градоначалникот, додавајќи дека луѓето се најголемата вредност на секоја општина.
Од локалната самоуправа заклучуваат дека Центар останува општина со силен урбан идентитет, препознатлива по континуираните вложувања во современи решенија и зачувување на културното наследство.





