ВЕСТИМАКЕДОНИЈАПОЛИТИКАСКОПЈЕ

Општина Карпош доби Младински и Ресурсен центар во салата „Партизан“

По повод одбележувањето на 50-годишнината од нејзиното основање, Општина Карпош официјално ги промовираше Младинскиот центар (МЦК) и Ресурсниот центар (РЦК), сместени во рамките на спортскиот објект „Наум Наумовски Борче“ – Партизан.

Од локалната самоуправа информираат дека иако овие два центри активно функционираат веќе три месеци, сега се официјално претставени пред пошироката јавност. Станува збор за две нови простории во спортската сала кои Општината им ги отстапува на користење на невладините организации и на младите за непречена реализација на нивните активности и иницијативи. Идејата за нивното отворање потекнува од градоначалникот Сотир Лукровски и Мирјана Пехчевска, додека за реализацијата биле задолжени претставниците од Секторот за развој, Александра Теова и Роберт Јанковски.

На свеченото отворање, градоначалникот Лукровски истакна дека во работата на центрите веќе се вклучени десет невладини организации од различни области, вклучувајќи спорт, бизнис, екологија и поддршка на лица со попреченост.

„Нека Ресурсниот и Младинскиот центар бидат места каде што ќе се раѓаат идеи, ќе се создаваат промени, во кои младите ќе се чувствуваат слушнати и поддржани, граѓанските организации ќе бидат добредојдени, а целата локална заедница ќе го препознае просторот за соработка и заедничко дејствување“, порача Лукровски.

На настанот беа доделени благодарници на претставниците на „Халк банка“, „Стопанска банка“ и „Тримакс“ за нивната финансиска и логистичка поддршка во опремувањето на просториите. Присутните гости донираа книги за збогатување на колекцијата на новата младинска библиотека која ќе функционира во склоп на МЦК. Свеченоста беше заокружена со настап на шест младински бендови.

Од Општина Карпош најавуваат дека од понеделник центрите целосно ги отвораат вратите за тематски сесии, дебати и развивање на нови граѓански иницијативи.

Back to top button