АРТВЕСТИИМПУЛСМАГАЗИНТРЕНД

Лори Андерсон ќе создаде дело што никој освен неа нема да го прочита до 2114 година

Американската музичарка, композиторка, писателка и визуелна уметница Лори Андерсон е избрана за 13. авторка што ќе создаде тајно дело за норвешкиот уметничко-книжевен проект Future Library. Ракописот ќе биде запечатен во Осло и нема да биде достапен за јавноста во следните 88 години, сè до 2114 година, објави „Гардијан“.

Но никој во моментов не знае ниту какво дело ќе создаде Андерсон.

Основачката на проектот, шкотската уметница Кејти Патерсон, вели дека тоа може да биде текст, музичка партитура, приказна, збир инструкции или нешто за што денес можеби сè уште немаме соодветно име. Токму таа слобода е дел од концептот на Future Library.

Андерсон веќе откри само една насока: сака на идните читатели да им остави нешто корисно за љубовта и да напише дело во кое луѓето од следниот век ќе можат јасно да го почувствуваат гласот на авторката.

Книга за луѓе кои сè уште не се родени

Future Library е уметнички проект започнат во 2014 година од Кејти Патерсон со идеја што намерно ги надминува животите на луѓето кои го започнале.

Во шумата Нордмарка, северно од Осло, биле засадени 1.000 смреки. Дрвјата треба да растат сто години, а во 2114 година од нив ќе биде произведена хартијата на која ќе биде отпечатена антологијата со сите дела создадени за проектот.

Дотогаш ракописите се чуваат во специјално дизајнираната Silent Room – „Тивка соба“, во јавната библиотека Deichman Bjørvika во Осло.

Имињата на авторите и насловите на нивните дела можат да бидат изложени, но самите ракописи остануваат недостапни. Публиката ќе може да ги прочита дури кога проектот ќе заврши во 2114 година.

Тоа значи дека огромното мнозинство луѓе кои денес ја следат работата на Лори Андерсон никогаш нема да дознаат што напишала.

Делото е наменето за публика што главно сè уште не е родена.

Од Маргарет Атвуд до Лори Андерсон

Андерсон влегува во исклучително необично друштво.

Прва во проектот се вклучи канадската писателка Маргарет Атвуд, а свои тајни дела досега оставија и Дејвид Мичел, Сјон, Елиф Шафак, Хан Канг, Карл Уве Кнаусгор, Оушн Вуонг, Цици Дангарембга, Јудит Шалански, Валерија Луисели, Томи Оринџ и, најнеодамна, Амитав Гош.

Андерсон е 13. избрана авторка во проектот.

Future Library Trust објаснува дека таа е избрана поради нејзината способност преку различни уметнички форми да комуницира со теми што ги надминуваат конкретното време и генерација. Нејзината кариера се движи меѓу експерименталната музика, книжевноста, визуелната уметност, театарот, перформансот и технологијата.

Андерсон има објавено десет книги, создадено голем број мултимедијални сценски дела и била номинирана за шест награди „Греми“, од кои освоила една. Во 2024 година добила и признание за животно дело.

Шума како временска капсула

Необичноста на Future Library е во тоа што проектот истовремено зависи од литературата и од природата.

Не е доволно ракописите да преживеат сто години. Треба да преживее и шумата од која еден ден ќе се произведе хартијата.

Градот Осло во 2022 година потпишал договор со кој е обезбедено шумата да остане под управување на Future Library Trust за целото времетраење на проектот.

Замислата на Патерсон е Future Library да биде спротивност на современото размислување во кратки временски периоди. Наместо следниот ден, изборен циклус или деловен квартал, проектот бара од луѓето да размислуваат еден век однапред – за читатели, библиотеки, шуми и општество кое никој од основачите нема да го види во конечната форма.

Токму затоа изборот на Лори Андерсон е особено интересен. Уметница чија работа со децении се движи меѓу зборот, звукот и технологијата сега треба да создаде порака за публика од почетокот на XXII век.

А што точно ќе им каже?

На тоа прашање одговорот ќе дојде во 2114 година.

Лори Андерсон на 17 јуни 2007 година настапи во Универзалната сала во Скопје со „Homeland“, мултимедијален проект во кој ги спои музиката, раскажувањето, поезијата и технологијата. Скопје тогаш беше една од станиците на нејзината европска турнеја, меѓу Прага и Атина, а концертот останува забележан и во официјалната историја на Универзалната сала како еден од позначајните настапи на современа музика.

Ј. Ѓ.

Back to top button