ВЕСТИСПОРТ

МОК и Светската е-спорт федерација договорија поблиска соработка за развој на е-спортот во Македонија

Со заедничка визија за поврзување на е-спортот со традиционалниот спорт, Македонскиот олимписки комитет (МОК) денеска оствари работна средба со висока делегација на Светската е-спорт федерација (IESF). „Врската помеѓу е-спортот и олимпизмот е веќе реалност која не може да се игнорира“, порача генералниот секретар на МОК, Ѓорги Тасев, по средбата со делегацијата предводена од претседателот на IESF, Влад Маринеску.

На средбата биле разгледани можностите за продлабочување на соработката и понатамошен развој на е-спортот во државата, со посебен фокус на заштитата на интегритетот, едукацијата и приближувањето на олимписките вредности до младите генерации. Тасев потсети дека е-спортот во Македонија е признат уште од 2022 година, а МОК веќе има формирано и посебна комисија. Тој истакна дека за да се допре до младите, спортот мора да ги следи новите трендови и да зборува на нивниот јазик во дигиталниот свет.

Претседателот на Светската е-спорт федерација, Влад Маринеску, изрази благодарност за отвореноста на Комитетот. Според него, институционалната подготвеност на МОК за соработка е вистински пример за тоа како традиционалниот спорт и е-спортот можат да се надополнуваат во духот на олимписките вредности. Генералниот секретар на IESF, Македонецот Бобан Тотовски, пак, истакна дека формирањето на комисијата и на е-спорт просторот во рамките на Олимпискиот центар покажуваат сериозна визија и вистинско лидерство.

Како што соопштуваат од МОК, посебен фокус во натамошната соработка ќе биде ставен на едукацијата и на заедничкото организирање настани и натпревари кои ќе отворат нови можности за младите и за меѓународна промоција на Македонија.

Back to top button