Пациенти на Онкологија останаа без терапијата „Фесго“, од Клиниката се извинија

Пациентите кои денеска требаше да ја примат терапијата „Фесго“ (Phesgo) на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија не го добија својот лек поради ненавремена испорака.
Од Клиниката преку социјалните мрежи упатија јавно извинување до пациентите, појаснувајќи дека одложувањето на третманот е резултат на проблеми во дистрибуцијата и испораката кои се надвор од нивна директна контрола.
„Свесни сме колку е важна навремената и континуирана терапија и искрено жалиме за загриженоста, неизвесноста и непријатностите што ги предизвика оваа ситуација. Ве уверуваме дека преземаме сè што е во наша надлежност за терапијата да биде обезбедена и пациентките да ја примат во најкус можен рок“, се наведува во соопштението од Клиниката за онкологија, во кое се бара трпение и разбирање од засегнатите пациенти.
