Македонските уметници, културни организации и други чинители од областа на културата имаат можност да предложат свои проекти и идеи кои би станале дел од официјалната програма на шведскиот град Кируна – Европска престолнина на културата за 2029 година, соопшти Фондацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Во рамките на подготовките на програмата, Кируна 2029 отвора две различни можности за учество на уметници и организации од Шведска, но и од други земји. Првиот повик, насловен „Уметнички проекти“ (Artistic Projects), е наменет за оние кои веќе имаат развиен предлог за среден или поголем уметнички проект, а рокот за поднесување е 31 октомври 2026 година. Втората можност, насловена „Тестирајте идеја“ (Test an Idea), е отворена за оние кои имаат само почетен концепт или сакаат да развијат идеја во соработка со други партнери. За овој повик, идејата не мора да биде целосно развиена при пријавувањето, а рокот за аплицирање трае до 31 декември 2026 година.
Двата повика се отворени за локални, регионални, национални и меѓународни актери. Сите информации за критериумите, формуларите за пријавување, како и презентацијата на англиски јазик од одржаниот вебинар се достапни на официјалната веб-страница kiruna.se/2029. Од Фондацијата „Скопје 2028“ ги поттикнуваат македонските уметници да ја искористат оваа шанса за воспоставување нови европски партнерства и меѓународно претставување.
