ВЕСТИХРОНИКА

ПАТРОЛА: Филмска кражба на ловечки пушки во Гостивар, запленет нелегален арсенал во струмичко и заталкано зрно во дуќан во Чаир

Обид за кражба на ловечки пушки во Гостивар и запленето нелегално оружје кај браќа во струмичко го одбележаа полицискиот билтен. Деноноќието носи и пронајдено заталкано зрно во дуќан во Чаир, тешка сообраќајка со бегство во Куманово, како и шокантни пријави за семејно насилство и малтретирање.

Обид за грабеж на куфери полни со ловечко оружје во Гостивар, запленет нелегален арсенал кај двајца браќа во струмичко и пронајдено заталкано зрно во продажен објект во Чаир, се најсериозните инциденти што ја одбележаа црната хроника во изминатото деноноќие.

Вистинска драма се одвивала во Гостивар, каде 39-годишен маж од селото Долна Бањица провалил во стан со цел да украде два куфери полни со ловечки пушки и муниција. Сопственикот на оружјето, кое го поседувал со уредна дозвола, го прекинал разбојникот среде кражбата. Тој веднаш повикал полиција, по што натрапникот бил лоциран и уапсен, а оружјето навремено одземено. Поради серија други кражби и обиди за кражби изминатиот период, во Гостивар е уапсен и 49-годишен маж, кај кого полицијата пронашла и остар предмет.

Во струмичкото село Двориште, кривични пријави заработија двајца браќа, на возраст од 26 и 27 години, откако кај нив била пронајдена нелегална полициска опрема и оружје. При преглед на возилото управувано од помладиот брат, полицајците пронашле пиштол „HS 2000“ со куршуми и разновидна полициска опрема, за која е утврдено дека му припаѓа на неговиот постар брат, кој доби пријава и за несовесно работење во службата. При дополнителен претрес во нивниот дом, откриена е и нелегална муниција од различен калибар.

Загриженост предизвикува и инцидентот во скопската населба Чаир, каде вработена во продажен објект пронашла заталкано зрно од огнено оружје. Полицијата презема мерки за да утврди од каде е испукан куршумот.

Полицискиот извештај бележи и вознемирувачки случаи на семејно и родово базирано насилство. Во Кратово се истражува пријава за 46-годишен маж, кој според Националната мрежа против семејно насилство, физички ја малтретирал и принудувал на полови дејствија својата вонбрачна партнерка, кај која се утврдени хематоми и бременост. Во Скопје, 16-годишна девојка ги пријавила своите родители, обвинувајќи го таткото за физичко, а мајката за долгогодишно психичко вознемирување.

Тешка сообраќајна несреќа е регистрирана во Куманово, каде 76-годишен возач удрил во 54-годишна жена и избегал од местото, но набрзо бил пронајден од полицијата. Жената се здобила со тешки телесни повреди.

Back to top button