НАСА има за цел еден ден да испрати човечки екипаж на Марс, но меѓу многуте предизвици што мора да се решат пред тоа воопшто да стане возможно е прашањето како ќе се хранат астронаутите. Решението за овој комплексен проблем ѝ донесе главна награда од 300.000 долари на 25-годишната Чиниере Укеџе од Филаделфија, пренесува магазинот People.
Претходно оваа година, НАСА го промовираше предизвикот „Од Марс до трпезата“ (Mars to Table), барајќи од учесниците ширум светот да дизајнираат систем за производство на храна што би можел да одржува хипотетички екипаж од 15 астронаути во текот на 500 марсовски денови (околу 513 земјени денови).
View this post on Instagram
Во моментов, оброците за астронаутите целосно се готват, пакуваат и испраќаат на Меѓународната вселенска станица од лабораторијата на НАСА во Хјустон. Но, бидејќи патувањето до Црвената планета во еден правец ќе трае најмалку девет месеци, носењето на сите потребни оброци и потпирањето исклучиво на претходно спакувана храна нема да биде одржливо за вакви мисии.
View this post on Instagram
Во силна конкуренција на 113 пријави од 33 земји, првата награда ја освои Укеџе со нејзиниот предлог за Адаптивна инфраструктура за исхрана (Adaptive Nourishment Infrastructure – ANI). Системот, именуван по нигериската божица на жетвата и плодноста, комбинира земјоделство во контролирана средина, ферментација, одгледување габи и рециклирање на хранливи материи во затворен систем. Според НАСА, овој пристап овозможува дури 50 отсто од храната да се произведува далеку од Земјата.
Концептот на Укеџе, која моментално е на магистерски студии по компјутерски науки на Универзитетот Џонс Хопкинс, предвидува секојдневна подготовка на свежи оброци и отпорност при евентуален недостиг на струја или вода. Системот вклучува и користење на преносни електрични кутии за ручек во кои астронаутите би подготвувале хранливи коцки храна.
„Проблемот со хранењето на астронаутите на Марс е повеќе од само одгледување култури. Сакате тие да се чувствуваат како дома кога се милиони милји далеку од дома“, изјави Укеџе.
Џенифер Едмунсон, менаџер на програмата во НАСА, истакна дека иднината на вселенските истражувања ќе се потпира токму на вакви иновативни системи за храна. Додека агенцијата во моментов е примарно фокусирана на враќањето на Месечината и тестирањето на леталото „Орион“ преку историската мисија Артемис II, официјалните проценки говорат дека најраната можна мисија на Марс би можела да се реализира во 2030-тите.
Ј. Ѓ.










