ЗНМ бара санкции: Судот игнорира одлука на Уставен за заштита на новинарката Наташа Стојановска
Итно утврдување на одговорност и санкции за судијата кој не ја извршил одлуката на Уставниот суд со која се штити слободата на изразување на новинарката Наташа Стојановска за настаните од 27 април, бараат од Здружението на новинарите на Македонија. Ова барање за институционална реакција е упатено директно до Основното јавно обвинителство и Судскиот совет, се наведува во соопштението на ЗНМ.
Според информациите од Здружението, Уставниот суд неодамна утврдил дека Основниот граѓански суд Скопје не ја спровел конечната и задолжителна одлука во корист на Стојановска. Новинарката претходно побарала судска заштита бидејќи државата не ја заштитила додека известувала од Собранието во 2017 година, но Основниот и Апелациониот суд не утврдиле повреда на нејзините права, по што правдата била задоволена дури пред Уставниот суд. Од ЗНМ оценуваат дека оваа одлука претставува важна практика за ефективна заштита на слободата на јавното информирање.
Од еснафското здружение посочуваат дека независноста на судството подразбира и почитување на одлуките, а неизвршувањето на пресуда за уставно загарантирано право на новинар не смее да помине без реакција. Од таму најавуваат дека внимателно ќе го следат постапувањето на ОЈО и Судскиот совет во овој случај.
Потсетувајќи дека следната година се навршува една деценија од собраниските настани, од ЗНМ потенцираат дека е неприфатливо дел од медиумските работници кои беа изложени на насилство и закани сè уште да чекаат правна разрешница.
Од организацијата категорично порачуваат дека нема да се откажат од овие случаи преку обезбедување бесплатна правна помош, но предупредуваат дека доколку домашниот правен систем не обезбеди заштита, правдата ќе ја бараат пред Европскиот суд за човекови права. Изминувањето на времето не смее да доведе до неказнивост, заклучуваат од ЗНМ.
