ВЕСТИСЦЕНАТРЕНД

Почина Доли Партон, легендата на кантри музиката

Легендарната американска пејачка, текстописка, актерка и филантроп Доли Партон почина денеска на 80-годишна возраст во Нешвил, соопшти нејзиното семејство. Веста ја потврдија повеќе светски медиуми. Нејзиниот внук Брајан Сивер ја објави веста преку официјалните профили на Партон на социјалните мрежи.

Причината за смртта засега не е официјално соопштена. Во последните месеци Партон имаше здравствени проблеми, поради кои откажа повеќе јавни настапи и ја одложи планираната резиденција во Лас Вегас. Само неколку дена пред смртта таа во интервју за „Пипл“ зборуваше дека минува низ тежок здравствен период.

Доли Партон беше една од највлијателните личности во историјата на кантри музиката и една од најпрепознатливите американски културни фигури во последните седум децении.

Кариерата ја започна во 1960-тите, а глобална слава стекна со песни како „Jolene“, „9 to 5“ и „I Will Always Love You“. Во текот на кариерата издаде речиси 50 студиски албуми и продаде повеќе од 100 милиони плочи ширум светот. Освои повеќе Греми награди и беше примена во Куќата на славните на кантри музиката, како и во Rock & Roll Hall of Fame.

Особено големо влијание имаше како авторка. Нејзината „I Will Always Love You“, која таа првично ја сними во 1974 година, подоцна стана светски хит во изведба на Витни Хјустон.

Партон имаше успешна кариера и на филмското платно, со улоги во „9 to 5“, „The Best Little Whorehouse in Texas“ и „Steel Magnolias“, со што дополнително ја зацврсти својата позиција како една од најпопуларните американски забавувачки.

Покрај музиката и филмот, Партон беше позната и по својата филантропска работа. Преку фондацијата „Dollywood Foundation“ и програмата „Imagination Library“ помогна милиони книги бесплатно да стигнат до деца ширум светот. Програмата денес дистрибуира милиони книги годишно.

Во текот на пандемијата на Ковид-19, Партон донираше еден милион долари за истражувања на Универзитетот Вандербилт, средства што придонесоа и кон развојот на вакцината на „Модерна“.

Родена е на 19 јануари 1946 година во Тенеси, како едно од 12 деца во сиромашно семејство. Од скромните почетоци во Апалачите изгради кариера што ја претвори во глобална музичка и културна икона.

Нејзиниот сопруг Карл Дин, со кого беше во брак речиси шест децении, почина во март 2025 година.

Во семејното соопштение Партон е опишана како личност чиј живот бил исполнет со музика, добрина и хуманост и чието наследство ќе продолжи да живее низ песните и генерациите уметници што ги инспирирала.

Back to top button