Легендарниот хрватски пејач Мате Мишо Ковач почина денеска на 85-годишна возраст во Сплит, потврдија извори блиски до пејачот за хрватскиот портал Index.hr.
Според првичните информации, Ковач починал околу 15:30 часот во својот дом во Сплит. Причината за смртта засега не е официјално соопштена.
Роден на 16 јули 1941 година во Шибеник, Мате Мишо Ковач важеше за најголемата музичка икона на Југославија и најпродаваниот изведувач од овие простори. Во речиси шест децении кариера продаде над 20 милиони плочи, касети и компакт-дискови.
Ковач се прослави кон крајот на 60-тите со хитот „Više se nećeš vratiti“, а дефинитивно се устоличи на тронот во 1971 година со победата на Сплитскиот фестивал со „Proplakat će zora“. Неговата кариера беше одбележана со безброј хитови, меѓу кои „Ostala si uvijek ista“, „Svi pjevaju, ja ne čujem“, „Ako me ostaviš“, „Ti si pjesma moje duše“ и „Dalmatino“.
Во 1999 година добитник е на наградата Порин за животно дело, а пет пати беше прогласуван за Пејач на годината.
Животот на Мишо Ковач беше одбележан и со големи лични трагедии – загубата на 16-годишниот син Еди во 1992 година, по што одржа голем проштален концерт „Ноќ на свеќи“ на стадионот Пољуд пред 50.000 луѓе.
Иако неколку пати најавуваше повлекување од сцената, до последните години остана активен и одржуваше концерти во полни арени низ целиот регион.
Со неговото заминување, заминува една цела епоха на забавната музика.
