
Почина Ведрана Рудан, еден од најпрепознатливите и најконтроверзни книжевни гласови во регионот
Хрватската писателка, новинарка и колумнистка Ведрана Рудан почина денеска на 76-годишна возраст, по долга и тешка борба со ракот. Веста за нејзината смрт беше објавена преку нејзините официјални канали, каде што се појави кратката порака: „Ведрана замина во подрачје без сигнал“ – реченица што самата авторка често ја користеше кога зборуваше за сопствената смрт.
Рудан во последните години отворено пишуваше за својата болест и за животот со дијагнозата на редок карцином на жолчните канали. Со препознатливата директност и црн хумор, таа ги споделуваше искуствата од лекувањето, стравовите, но и размислувањата за животот и смртта, одбивајќи да ја изгуби својата автентичност дури и во најтешките моменти.
Родена е на 29 октомври 1949 година во Опатија. Студирала хрватски и германски јазик во Риека, а во текот на кариерата работела како наставничка, новинарка, радиоуредничка и телевизиска водителка. Пишувала за некои од најпознатите хрватски медиуми, а пошироката јавност ја препозна по нејзините остри колумни и бескомпромисни ставови за политиката, општеството, положбата на жените и секојдневниот живот.
На книжевната сцена се проби во 2002 година со романот „Уво, грло, нож“, а подоцна следуваа дела како „Љубов на последен поглед“, „Дабогда те мајка родила“, „Во земјата на крвта и идиотите“, „Пудинг од ванила“ и „Умри без стрес“. Нејзините книги беа преведени на повеќе јазици и поставувани на театарските сцени низ регионот и Европа.
За едни беше бескомпромисен борец против лицемерието и општествените неправди, за други провокатор чиј јазик често ги поместуваше границите на јавниот дискурс. Но, малкумина оспоруваа дека Рудан беше еден од највлијателните и најчитаните авторски гласови на поранешните југословенски простори.
Со нејзиното заминување, регионалната книжевна и медиумска сцена останува без авторка која со децении предизвикуваше дебати, реакции и поделени мислења, но и без глас што ретко се плашеше да го каже она што другите го премолчуваа.
