Грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас, кој сам го совлада македонскиот јазик, в сабота (19 септември) во Скопје лично ќе ја промовира својата поетска книга „Раскинување на договорот“. Настанот закажан за 12 часот ќе се одржи во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите, соопштија од издавачката куќа.
Иако нема македонско потекло, Минас сам го научил јазикот и на него ги препеал сопствените песни, објавувајќи ја својата прва збирка двојазично – напоредно на грчки и на македонски. Овој негов потег претставува јавно залагање за македонскиот јазик, идентитет и достоинство. Во авторската белешка, Минас истакнува дека одлуката да ја објави збирката во Македонија е „свесен чин на правда“ и „директен судир со деценискиот молк и лаги“, додавајќи дека вистинското помирување започнува преку прифаќањето на постоењето на другиот.
Неговиот настап на Струшките вечери на поезијата, каде што ја прочита песната „Ми го одзедоа јазикот – македонскиот“ (инспирирана од „Ми го дадоа јазикот – грчкиот“ на Одисеас Елитис), беше поздравен со силни овации од публиката. Сепак, неговата јавна поддршка за македонскиот јазик на социјалните мрежи беше проследена со навредливи коментари и закани од грчки националисти. Самата книга, пак, се опишува како длабоко лично дело за љубовта, загубата и ослободувањето од туѓите мерила и наметнатата потчинетост.
Покрај поезијата, Минас активно работи и како преведувач, доближувајќи ја македонската книжевност до грчките читатели, и обратно. За делото на скопската промоција ќе говори писателот и книжевен критичар Иван Антоновски. Од „Матица македонска“ упатуваат отворена покана до сите граѓани, писатели и љубители на пишаниот збор со своето присуство да го поддржат овој храбар човечки и книжевен чин и да му посакаат добредојде на Минас на македонски јазик.
