ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Портокалов метеоаларм во Македонија: денеска до 39 степени

Во делови од Македонија денеска, 27 август, е активно портокалово ниво на предупредување поради исклучително високи температури, според метеоалармот на Управата за хидрометеоролошки работи. Највисоки 39 степени се очекуваат во Скопје и Демир Капија, а денот ќе биде сончев и топол, со можност за краткотрајна нестабилност во попладневните часови.

Температурите низ земјава ќе се движат од 31 до 39 степени, додека минималните утрински температури се во интервал од 13 до 20 степени. Во Гевгелија се очекуваат до 38 степени, а во Велес и Штип до 37 степени.

Во Скопје ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Минималната температура е околу 20 степени, а максималната треба да достигне 39 степени. За Скопскиот регион портокаловото предупредување за исклучително високи температури е активно во периодот од 10 до 18 часот, според актуелниот метеоаларм на УХМР.

Во останатиот дел од земјава ќе дува умерен, а повремено и засилен ветер од северозападен правец. И покрај високите температури, во попладневните часови постојат услови за краткотрајна локална нестабилност.

Променливо ќе биде и за време на викендот. Претпладне се очекува сончево и топло време, но попладне наместа ќе има услови за пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Според УХМР, локално процесите може да бидат поинтензивни, со силен ветер и услови за појава на град. Во почетокот на следната седмица повторно се очекува стабилно и топло време.

Поради високите температури, здравствените власти препорачуваат да се избегнува директно изложување на сонце и потешки активности на отворено меѓу 11 и 17 часот, да се носи лесна и светла облека и да се внесуваат доволно течности. Посебно внимание се препорачува за повозрасните лица, малите деца и другите чувствителни категории.

Back to top button