
Состојбата со големиот пожар на Касандра, Халкидики, денеска е значително подобрена и повеќе нема единствен активен огнен фронт, но противпожарните екипи остануваат во целосна готовност поради повеќе расфрлани жаришта и опасноста од повторно разгорување на огнот. Грчките медиуми јавуваат дека пожарот, кој избувна во областа Сивири, зад себе оставил изгорена шума, оштетени домови, автомобили и инфраструктура.
Според грчката државна телевизија ЕРТ, на терен се ангажирани 227 пожарникари со 57 возила и 13 пешадиски противпожарни тимови, а во гаснењето од воздух учествуваат шест авиони и еден хеликоптер. Во текот на ноќта екипите интервенирале на повеќе жаришта во опожарената зона, а со разденувањето продолжиле и воздушните операции.
Прелиминарните проценки на грчката противпожарна служба покажуваат дека огнот зафатил околу 3.500 стреми, односно приближно 350 хектари. Тоа е околу еден процент од вкупната површина на Касандра, која е една од најпосетуваните туристички области на Халкидики.
Голем пожар на Халкидики: Евакуирани стотици туристи и жители, огнот стигна до летувалишта [ВИДЕО]
Пожарот се движел низ подрачје во кое шумските површини се испреплетуваат со населби и туристички објекти, што значително ја отежнало интервенцијата. Огнот се приближил до куќи во Сивири и околните населби, а според ЕРТ, дел од објектите се оштетени, додека некои целосно изгореле. Уништени се и автомобили и пловни објекти, а надлежните служби треба дополнително да ја утврдат целосната материјална штета.
Една од најголемите операции била евакуацијата на жители и туристи. Поради големиот метеж на патиштата, дел од населението било извлечено по морски пат. Според ЕРТ и MEGA, вкупно 481 лица биле евакуирани од плажата во Сивири со пловила на крајбрежната стража, противпожарната служба и приватни чамци и пренесени кон Сани и Солун.
Локалниот портал Voria објави дека за погодените жители и туристи биле обезбедени околу 190 хотелски соби во Халкидики и Солун. Патот меѓу Сивири и Фурка во утринските часови останал затворен, додека пожарникарите продолжиле со обезбедување на опожарената зона.
Најголемата опасност во текот на денот останува ветерот. Грчките служби предупредуваат дека неговото засилување може повторно да активира дел од жариштата, поради што силите остануваат распоредени низ целото подрачје. Иако сликата е далеку подобра од претходниот ден, властите засега не прогласуваат целосен крај на опасноста.
Редакција Брц
