АРТВЕСТИ

Џифони Македонија стартува на 24 септември: Над 80 филмови, осум работилници и стотици млади учесници

„Невозможните нешта“ е темата на 14. издание на Младинскиот филмски фестивал Џифони Македонија, кој ќе се одржи од 24 до 29 септември во Скопје, со учество на повеќе од 400 млади и гости од неколку европски земји.

Годинешното издание е посветено на прашањата што ги засегаат младите генерации и нивното разбирање на границите меѓу можното и невозможното. Организаторите велат дека фестивалот отвора простор за приказни кои се поблиски до реалноста на генерациите З и Алфа и на предизвиците со кои тие се соочуваат во секојдневниот живот.

Според најавите, на фестивалот досега се пријавени повеќе од 400 учесници, а се очекува и присуство на околу 30 млади гости од Италија, Данска, Романија, Србија и Косово.

Во програмата се вклучени повеќе од 80 долгометражни и краткометражни филмови распоредени во неколку натпреварувачки категории, меѓу кои за најдобар долгометражен, краток и анимиран филм, како и за најдобар филм создаден од ученици од основните и средните училишта.

Публиката ќе има можност да ги погледне и најновите кратки филмови на македонските автори Крсте Господиновски, Ханис Багашов, Трифун Ситниковски, Оливера Каменаровска, Лора Милошевска, Кирил Цеков и Фросина Захда.

Натпреварувачката програма ќе биде отворена со македонскиот игран филм „Скејбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума. Од регионалната продукција ќе биде прикажан и црногорскиот филм „Видра“ на Срџан Вулетиќ, додека во јуниорската селекција е вклучен хрватскиот филм „Вториот дневник на Паулина П.“ во режија на Невен Хитрец.

Организаторите најавуваат и гостувања на четворица режисери на долгометражни филмови, кои по проекциите ќе разговараат со младата публика и ќе одговараат на прашања поврзани со нивните дела.

Покрај филмската програма, предвидени се осум работилници преку кои учесниците ќе имаат можност да создаваат, учат и соработуваат. Како новитет годинава е најавена ЕКО ЛАБ работилница, поддржана од Град Скопје, на која младите ќе рециклираат пластични шишиња и ќе изработуваат нови предмети со помош на 3Д печатач.

Фестивалот се реализира со поддршка од Агенцијата за филм, Министерството за култура на Италија, Амбасадата на Италија, Италијанскиот културен институт, Џифони Експириенс, Град Скопје и општините Карпош, Центар и Кисела Вода.

Back to top button