
Македонскиот народен театар (МНТ) новата сезона 2026/2027 ќе ја започне со премиера на претставата „Три сестри“, работена според драмата на А. П. Чехов и во режија на Нела Витошевиќ, закажана за 25 септември, соопштија од театарот.
Новата сезона во МНТ носи важна новина за публиката – воведување превод на англиски јазик за дел од претставите во однапред определени термини, со што театарот станува поблизок до странската публика и уметничките љубители кои не го разбираат македонскиот јазик. Премиерата на „Три сестри“ ќе биде првата изведена претстава со англиски превод.
Современо читање на класиката на Чехов со врвна актерска екипа
Новата сценска адаптација е по текст на Васил Христов и Нела Витошевиќ, со драматургија на Викторија Рангелова-Петровска, претставувајќи современо читање на едно од најзначајните дела од светската драмска литература.
Во претставата настапуваат Дарја Ризова (Ирина), Наталија Теодосиева (Маша), Верица Недеска (Олга), Дамјан Цветановски (Андреј), Благој Веселинов (Александар), Емил Рубен (Иван), Ивица Димитријевиќ (Игор), Нина Деан (Наташа) и Антонио Ташковски (Никола).
Креативниот тим го сочинуваат сценографот Игор Васиљев, костимографката Роза Трајческа, композиторот Огнен Анастасовски и извршните продуценти Симона Угриновска и Виктор Рубен, а билетите за премиерата и првите изведби се веќе пуштени во продажба.



