
Проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“ (ЕПК) стана предмет на остри политички пресметки меѓу опозициската СДСМ и доскорешниот министер за култура од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Љутков. Додека СДСМ бара итно повлекување на Предлог-законот за овој проект, обвинувајќи за легализација на корупција, Љутков возвраќа со обвинувања за манипулации и лажни ветувања од страна на претходното раководство.
СДСМ: Заобиколување на Законот за јавни набавки и ново „Скопје 2014“
Пратеничката и поранешна министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на прес-конференција истакна дека власта се обидува по скратена постапка да протне закон со кој 21 милион евра ќе се трошат без тендер и без примена на Законот за јавните набавки, преку основање на наводна Фондација.
Според неа, иако законот бил повлечен од дневниот ред на Собранието, тој останува во процедура, а за ВМРО-ДПМНЕ престижната титула станала „нов начин на перење пари“.
„Криминалната организација ВМРО повторно се обидува да протне закон со кој ќе ги заобиколи правилата за јавни набавки и ќе отвори простор за нови милионски тендери без контрола. Најтажен момент во цел овој процес е што уметниците, кои го донесоа признанието, не се ниту препознаени, ниту спомнати“, изјави Костадиновска-Стојчевска.
Љутков: СДСМ ветуваше 150 милиони евра без покритие, моравме да ја спасуваме титулата
На овие обвинувања преку социјалните мрежи реагираше доскорешниот министер за култура, Зоран Љутков. Тој ја обвини Костадиновска-Стојчевска дека додека била министерка ветувала проект вреден 150 милиони евра, без никаква финансиска подлога и одлука од Владата, со што го излажала Брисел.
Љутков побара одговори за тоа како биле избирани фирмите, невладините организации и надворешните соработници за време на подготовката на апликацијата во нејзиниот мандат.
„Па вие и Брисел го излажавте како што денес пробувате да ја изманипулирате јавноста. Моравме да патуваме неколку пати во Брисел да ја спасуваме титулата! И уште нешто – колку и да го оспорувате, Скопје 2014 денес е една од најпосетуваните туристички атракции во главниот град“, напиша Љутков во својата објава.
