ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕПУБЛИКА

Меѓународен ден на Бошњаците: Празник на идентитетот, културата и соживотот

Денеска, 28 септември, се одбележува Меѓународниот ден на Бошњаците, значаен празник кој го симболизира зачувувањето на националниот идентитет, историјата, традицијата и културата на бошњачкиот народ низ светот, вклучително и во Република Северна Македонија.

Овој датум има длабоко историско значење. На 28 септември 1993 година, на Првиот бошњачки сабор одржан во Сараево, беше донесена клучната одлука за враќање на традиционалното и историско национално име – Бошњак, како и на името на босанскиот јазик. Со овој чин, бошњачкиот народ го реафирмираше своето вековно постоење и културно наследство, ставајќи крај на претходните наметнати именувања.

Во Северна Македонија, Бошњаците се неотуѓив и нераскинлив дел од мултиетничкиот мозаик, признаени и во преамбулата на Уставот на државата. Како активни и лојални граѓани, тие континуирано даваат значаен придонес во политичкиот, економскиот, културниот и општествениот живот, градејќи мостови на соработка и меѓусебно разбирање. Нивната традиција, фолклор и јазик ја збогатуваат македонската мултикултурна реалност, потврдувајќи дека различностите се најголемото богатство на едно демократско општество.

По повод празникот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка во која нагласи дека Бошњаците претставуваат важен човечки капитал со долга и богата национална приказна, како и релевантен субјект во политичкото одлучување и економскиот развој на земјата. Таа истакна дека бошњачката заедница реално го остварува своето уставно загарантирано право за негување на сопствениот идентитет преку културни и образовни институции и здруженија. Посакувајќи им на младите Бошњаци да растат во мирна и просперитетна европска држава, претседателката повика на меѓусебно почитување и градење заеднички дом на рамноправни граѓани, во кој различностите ќе се почитуваат, а вредностите ќе обединуваат без разлика на етничката или верската припадност.

 

Back to top button