Секторот за внатрешни работи Куманово целосно го расчисти случајот со физичкиот напад врз малолетно девојче и поднесе кривична пријава против 18-годишна девојка и две малолетнички. Пријавата е поднесена поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“ согласно член 386 став 3 од Кривичниот законик, соопштија од Секторот за односи со јавност и протокол на Министерството за внатрешни работи.
Кривичната пријава е насочена против П.А. (18) од липковското село Лојане, како и против две малолетнички од Куманово на возраст од 14 и 15 години. Според истражните наоди на полицијата, пријавените со умисла ја заложиле довербата на жртвата за да го извршат насилниот чин во прикриен простор, со цел да избегнат сведоци во моментот на нападот.
Ја принудиле да влезе во објект кај „Соколана“, ја тепале и ѝ се заканувале
Полициската истрага детално ги утврди хронологијата и начинот на извршување на ова тешко кривично дело.
„Пријавените на 13.03.2026 година, околу 18:00 часот, повикале 14-годишно девојче да излезе од нејзиниот дом, по што ја убедиле да влезе во просторија во близина на спортскиот центар ‘Соколана’ во Куманово. Таму најпрвин ја навредувале, а потоа и физички ја нападнале, при што целиот настан го снимале со мобилен телефон. По извршеното насилство, осомничените ѝ се заканиле на малолетничката да не го пријавува настанот и да не зборува за снименото видео, заканувајќи ѝ се дека во спротивно ќе ѝ се случи нешто уште полошо“, стои во официјалното известување на МВР.
По документирањето на материјалните докази и обезбедувањето на снимениот видеоматеријал од телефонот, СВР Куманово ги процесираше сите инволвирани лица до надлежното Основно јавно обвинителство, со цел натамошно одредување на соодветни законски мерки против сторителите на насилството.
