ВЕСТИИМПУЛСМАКЕДОНИЈАРЕПУБЛИКА
Во тренд

Речиси 3.000 првачиња и 433 паралелки помалку од лани во новата учебна година

Новата учебна 2026/2027 година денеска започнува за околу 238.000 ученици во Македонија, но зад првото училишно ѕвонче стои бројка што јасно го покажува продолжувањето на демографскиот пад. Според податоците што Министерството за образование и наука ги добило од училиштата, во прво одделение годинава се запишани 14.952 првачиња.

Само една година претходно бројката била значително поголема.

Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека на почетокот на учебната 2025/2026 година во прво одделение биле запишани 17.921 ученик.

Тоа значи дека според досегашните уписи, годинава во училишните клупи седнуваат 2.969 првачиња помалку од минатата учебна година, што претставува пад од околу 16,6 проценти за само една година.

Годинашната бројка сè уште не мора да биде конечна, бидејќи дополнителни запишувања се можни и во текот на септември. Сепак, дури и ако бројот благо се зголеми, разликата во однос на претходната генерација останува голема.

Падот не е изолиран само на една генерација.

Во учебната 2024/2025 година во прво одделение биле запишани 19.452 деца, а една година подоцна бројот паднал на 17.921. Сега, според досегашните податоци за 2026/2027, тој се спушта на 14.952.

Тоа значи дека за само две учебни години бројот на првачиња е намален за 4.500 деца, односно за повеќе од 23 проценти.

Уште подраматична е споредбата на подолг рок. Во учебната 2016/2017 година во Македонија имало 23.266 првачиња. Денес, десет учебни години подоцна, досега се запишани 14.952, односно 8.314 деца помалку – пад од речиси 36 проценти.

Со други зборови, ако пред една деценија во прво одделение тргнувале приближно 23 деца, денес на секои толку остануваат околу 15.

Помалку деца, помалку паралелки и затворени училишта

Намалувањето на бројот на ученици веќе директно ја менува училишната мрежа.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека поради недостиг на ученици од септември времено се затвораат 26 подрачни училишта.

Истовремено, по оптимизацијата на училишната мрежа, во новата учебна година ќе има 433 паралелки помалку. Од нив, 222 се во основното, а 211 во средното образование.

Оптимизацијата подразбира спојување на помалите паралелки или нивно приклучување кон поголеми.

Од МОН уверуваат дека поради ова нема отпуштање на редовно вработени наставници. Наставниците што ќе останат со недоволен фонд на часови треба да бидат ангажирани во дневен престој или во целодневна настава.

Во образовниот систем годинава влегуваат околу 174.000 основци и 64.000 средношколци, односно вкупно околу 238.000 ученици. За споредба, ДЗС регистрирал 241.580 ученици во редовните основни и средни училишта на почетокот на минатата учебна година.

Учебници за сите, едносменска настава во 620 училишта

Од Министерството уверуваат дека училиштата се подготвени за почетокот на наставата и дека учебниците се доставени навреме.

Целосно нови учебници ќе добијат учениците од прво, второ, трето и осмо одделение, како и учениците од втора година во гимназиите.

Во 620 училишни објекти наставата ќе се одвива во една смена. За учениците со посебни образовни потреби се ангажирани 1.358 образовни асистенти во основните и 166 во средните училишта.

Но првиот училиштен ден годинава неизбежно го отвора и прашањето што го покажуваат бројките: колку деца ќе има во македонските училишта во следните години.

Од 17.921 прваче минатата година на 14.952 годинава е пад од речиси 3.000 деца во само една генерација. А со секоја помала генерација, последиците постепено се пренесуваат низ целиот образовен систем – од бројот на паралелки и наставници, до опстанокот на училиштата во помалите населени места.

Ј. Ѓ.

Back to top button